Кратошија
Кратошија - регионален вид на грозје кое се одгледува во Македонија, Црна Гора и Далмација.
После вранецот, кратошијата е најзастапен вид на црно винско грозје во Македонија[1]. Имплементацијата на лозови насади со овој вид грозје е поддржана со „Нацрт стратегијата за лозарство и винарство (2010-2015).[1]
Историја
[уреди | уреди извор]Кратошијата е сорта на грозје која има долга историја во Македонија. Се верува дека на територијата на Република Македонија таа се одгледува уште од античко време, кога виното се чувало во амфори и се транспортирало до благородниците. Сортата била доведена скоро до исчезнување, но преживеала а винарите успеале од неа да направат вина со врвен квалитет.
Потекло
[уреди | уреди извор]Последните информации во поглед на нејзиното потекло предизвикаа полемики во научниот свет. Конкретно, според овие информации генетското потекло на кратошијата е исто како она на примитиво сортите, т.е. зинфандел или црљенак каштелански [2].
Потекло на поимот
[уреди | уреди извор]Според Звонимир Будимировиќ, името кратошија настанало со словенизирање на античкото вино „акрато“ односно со словенизирање на ширата од акрато - „акрато-шира“.[3]
Виногорја
[уреди | уреди извор]Виновата лоза од оваа сорта се наоѓа низ цела Македонија, а со „Правилникот за реонизација на лозарските подрачја“ [4] истата е препорачана во Повардарскиот реон и во Кумановското виногорје.
Лоза
[уреди | уреди извор]Гроздовите се средно големи, со цилиндричен и конусен облик, средно густи или растресити. Зрната се средно големи, тркалезни до сплескани, со дебела кожа и темносина боја.
Витикултура
[уреди | уреди извор]Кратошијата бара средно плодни и умерено влажни почви. Таа е доцна сорта, во регионот на Повардарието грозјето созрева во втората половина на септември, а во останатите малку подоцна.[5]
Вина
[уреди | уреди извор]Од оваа сорта на грозје се произведуваат суви вина кои се одликуваат со интензивна темноцрвена боја, арома на презреани шумски плодови и хармоничен вкус кој долго трае.[6]
Благодарение на својата хармонична природа кратошијата добро се комбинира со други сорти на грозје.
Кавадарка
[уреди | уреди извор]„Кавадарка“ е едно од најстарите и најпопуларните вина во Македонија. Произведена е од грозјето „кратошија“[7] од регионот на градот Кавадарци и така го добива своето име. Иако е едно од поевтините вина во Македонија има многу добар вкус и квалитет.
Консумирање
[уреди | уреди извор]Препорачана температура на служење на виното кратошија е 16 до 18оС[6]. И кавадарката е најдобро да се служи на температура од 16 до 18 оC[7].
Кратошијата добро се слага со сите видови месо и стари сирења со снажни вкусови.
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ 1,0 1,1 „Нацрт стратегија за лозарство и винарство (2010-2015)“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2014-09-28. Посетено на 2017-03-09.
- ↑ Македонски вина - кратошија
- ↑ Книга за виното
- ↑ Правилник за реонизација на лозарските подрачја
- ↑ „Кратошија на Екстрапоинт“. Архивирано од изворникот на 2017-03-07. Посетено на 2017-03-09.
- ↑ 6,0 6,1 „Кратошија на Тиквеш“. Архивирано од изворникот на 2016-10-17. Посетено на 2017-03-09.
- ↑ 7,0 7,1 Кавадарка на Тиквеш
|