[go: nahoru, domu]

Прејди на содржината

Спам

Проверена
Од Википедија — слободната енциклопедија
Имејл спам пораки

Спам преку е-пошта (англиски: e-mail spam) е вид на спамот (небарани рекламни пораки) што опфаќа испраќање скоро идентични пораки до голем број корисници преку е-пошта. Како спам се смета е-пошта која примателите не ја побарале и е пратена во идентична форма до многу приматели.

Со оглед на тоа што трошоците на достава, чување и обработка на пораките се директно на товар на примателот, спамот може да се смета за електронски еквивалент на праќање несакани реклами по пошта со обврска на примателот да ја плати поштарината. Од друга страна, ова не значи дека сите комерцијални пораки се спам. Оние за кои примателите своеволно се претплатиле да ги добиваат, не се.

Спамот го праќаат организации од различна големина и со различни мотиви. Некои се големи, познати компании, како при маркетиншката кампања на Крафт фудс за кафето Гевалиа[1]. Пораките чија намена е измама преку е-пошта, како што се „Нигериските шеми“ може да бидат испратени од една личност од интернет-кафе во земја во развој. Организираните „банди за спам“ кои оперираат во Русија и други земји на источна Европа имаат слични особини како другите форми на организиран криминал, како борби за територии и убиства од одмазда[2].

Спамерите може да се служат со намерна измама при праќањето на нивните пораки. Спамерите често користат лажни имиња, адреси, телефонски броеви и други податоци за контакт за да отворат привремени сметки на различни услужници на пристап до интернет. Тие често користат фалсификувани или украдени броеви од кредитни картички за да платат за овие сметки. Со тоа тие може брзо да се движат од еден до друг систем по откривањето и гасењето на опслужувачите што ги злоупотребуваат.

Спамот често се користи за прибирање лични информации кои потоа се продаваат на други компании, со што им се овозможува неовластен пристап до личните податоци на граѓаните - жртви на спамот.

Испраќачите на спам често вложуваат голем труд за да го прикријат изворот на нивните пораки. Големи компании може да најмат друга фирма за да ги праќа нивните пораки, која потоа ги добива жалбите или блокирањето на адресите за е-пошта. Други се служат со маскирање (спуфинг) на адресите за е-пошта, оти спамерот може да стави туѓа адреса во полето за извор благодарение на тоа што протоколот за е-пошта (SMTP) нема автоматска автентикација. Со оглед на тоа што податоците за патот на пораката се запишуваат во заглавијата на пораките, некои спамери додаваат дополнителни податоци во нив со цел да ја наведат истрагата кон дополнителни, легитими опслужувачи.

Спамерите сѐ повеќе користат мрежи од компјутери претходно намерно инфицирани со вируси (зомби-компјутери) за да го праќаат спамот. Зомби-мрежа е позната и како ботнет (роботска мрежа). Се проценува дека 80% од спамот преку е-пошта во јуни 2006 година, бил испратен од зомби-компјутери, за разлика од 30% од претходната година. Се проценува дека во јуни 2006 секојдневно биле испраќани над 55 милијарди спам-пораки, што претставува зголемување од 25 милијарди во однос на јуни 2005.[3]

Спуфингот (прикривањето на појдовната адреса) има сериозни последици за корисниците на е-пошта кои не се спамери. Не само што нивните сандачиња за е-пошта се пренатрупуваат со пораки кои не може да се доделат (анг. "undeliverable" e-mails), покрај спамот што го добиваат, туку тие може по грешка да бидат сметани за спамери. Поради тоа не само што може да добиваат негативни реакции од други жртви на спамот, туку како резултат на жалбите до семрежните услужници може и да бидат исклучени од интернет како обвинети за спамирање.

Статистики и проценки

[уреди | уреди извор]

Растот на спам преку е-пошта

[уреди | уреди извор]

Спамот расте експоненцијално и не покажува знаци на опаѓање. Количеството спам што корисниците го гледаат во нивните сандачиња е само врв на ледениот брег, оти листите на спамерите често содржат и многу невалидни адреси.

Во апсолутни бројки

[уреди | уреди извор]
  • 1978 - Една спам порака е пратена преку е-пошта на 600 адреси.[4]
  • 1994 - Првиот спам од голем обем е пратен до 6000 њузгрупи, допирајќи до милиони луѓе.[5][6]
  • 2005 - (јуни) 30 милијарди спам-пораки на ден[3]
  • 2006 - (јуни) 55 милијарди спам-пораки на ден[3]
  • 2006 - (декември) 85 милијарди спам-пораки на ден
  • 2007 - (февруари) 90 милијарди спам-пораки на ден

Како процент на целосното количество е-пошта

[уреди | уреди извор]

MAAWG проценува дека 80-85% од е-поштата во последното тримесечје од 2005 година била „штетна е-пошта“. Нивната студија опфатила преглед на над 100 милиони сандачиња.[7][8]

  1. „Trouble Brewing for Kraft and Gevalia Over Coffee Spam“. PR Newswire. 2005-04-18. Посетено на 2007-06-02. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  2. Brett Forrest (August 2006). „The Sleazy Life and Nasty Death of Russia's Spam King“. Issue 14.08. Wired Magazine. Посетено на 2007-01-05.
  3. 3,0 3,1 3,2 IronPort Systems, Inc. (28 јуни 2006). "Spammers Continue Innovation: IronPort Study Shows Image-based Spam, Hit & Run, and Increased Volumes Latest Threat to Your Inbox". Соопштение за печат.  посет. 5 јануари 2007 г
  4. Brad Templeton (Tue, 08 Mar 2005 08:30:08 GMT). „Reaction to the DEC Spam of 1978“. Brad Templeton. Посетено на 2007-01-21. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)
  5. J.S. Kelly (1 септември 2002). „A brief history of spam“. developerWorks. IBM. Посетено на 2007-01-05.
  6. David Streitfeld (11 мај 2003). „Opening Pandora's In-Box“. Los Angeles Times (latimes.com). Архивирано од изворникот на 2009-07-07. Посетено на 2007-01-06. free registration required to view article contents
  7. (March 2006). "Email Metrics Program: The Network Operators' Perspective" (PDF). Report #1 — 4th Quarter 2005 Report. Messaging Anti-Abuse Working Group.  (консултирано на 2007-01-06) „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот на 2006-12-08. Посетено на 2007-06-07.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)
  8. (June 2006). "Email Metrics Program: The Network Operators' Perspective" (PDF). Report #2 — 1st Quarter 2006. Messaging Anti-Abuse Working Group.  (консултирано на 2007-01-06) „архивски примерок“ (PDF). Архивирано од изворникот на 2006-09-24. Посетено на 2007-06-07.CS1-одржување: бот: непознат статус на изворната URL (link)